
Во месецот на жената, ги славиме влијателните жени без чии пронајдоци автоиндустријата не би била иста.
Мери Андерсон, 1866 - 1953
Во раните 1900-ти, еден снежен ден Мери Андерсон се возела во трамвај во Њујорк. Таа забележала дека возачот морал одвреме навреме да излезе од трамвајот за да го исчисти снегот од шофершајбната или да вози со главата низ прозорецот.
За да ја подобри ефикасноста и безбедноста на возачите, Андерсон имала идеја да дизајнира алатка која автоматски ќе ја брише шофершајбната без рачно чистење. Таа замислила гумена лопатка прикачена на рачка, која се движела со помош на пружина и имала противтежа за да остане цврсто прилепена на стаклото.
Во 1903 година, Мери Андерсон обезбедила патент за нејзиниот дизајн. Утврдено е дека тоа е првиот уред од ваков вид кој работи ефикасно за чистење на снегот и дождот од прозорците на трамвајот.
Во 1917 година, Шарлот Бриџвуд го надградила бришачот за да може да работи електрично. Нејзиниот дизајн користел ролери наместо сечила. И Андерсон и Бриџвуд не привлекле големо внимание од производителите на автомобили и бришачот на шофершајбната не бил прилагоден за автомобили сè до 1922 година, кога Кадилак почнал да го инсталира како стандардна опрема, а другите производители брзо го следеле примерот.
Иако на почетокот автомобилските компании не го препознале неговиот потенцијал, оваа иновација денес е незаменлив дел од секое возило.
Мери Андерсон е примена во Куќата на славните пронаоѓачи во 2011 година.
Флоренс Лоренс, 1886 - 1938
Најпозната по улогите во речиси 250 филмови, Флоренс Лоренс исто така е и пронаоѓач битен за автомобилската индустрија.
Во 1913 година таа дизајнирала уред наречен „автоматска рака за сигнализација“, механички трепкач што се користи за да ги информира другите возачи во која насока се движи возачот. Овој револуционерен изум ја формирал основата за трепкачите, па патниците повеќе не мораале да ги креваат рацете налево и надесно за да покажат во која насока планираат да вртат.
Лоренс , исто така, го измислила првиот сигнал за механички сопирачки - знак што ќе се појави на задниот дел од автомобилот со притискање на педалата на сопирачката со зборот „Стоп“.
За жал, таа не патентирала ниту еден од овие пронајдоци и не добила никаково признание, ниту било каков профит од сето тоа.
Дороти Елизабет Левит, 1882 - 1922
Како новинарка и писател, Левит станала позната како експерт за автомобилизам за жени.
Во нејзината книга „Жената и автомобилот: зборлив мал прирачник за сите жени кои сакаат да се движат“, објавена во 1909 година, таа понудила практичен водич за оние кои сакаат да тргнат да возат, но не знаат баш како. Книгата вклучува совети за купување и поседување автомобил, проследени со практични совети за негово управување.
Во неа, таа дала и предлог дека жените треба „да носат мало огледало на погодно место кога возат“ за да можат „повремено да го држат огледалото високо за да гледаат позади додека возат во сообраќајот“.
Оттука и идејата за денешните ретровизори.
Берта Бенц, 1849 - 1944
Берта Бенц е сопругата на Карл Бенц, пронаоѓачот на првиот автомобил со мотор со внатрешно согорување. Родена во доба кога на жените им било забранет пристапот до високо образование, Берта Бенц била првата личност која возела автомобил со мотор со внатрешно согорување.
Во раните утрински часови, еден убав августовски ден во 1888 година, без да му каже на својот сопруг, Берта Бенц земала две од нејзините деца и тргнала на пат со Benz Patent Motorwagen. Бенцот бил автомобил кој нејзиниот сопруг Карл го измислил, но никој не бил заинтересиран да го купи. Храброто патување од приближно 105 километри било нејзин план да му докаже на светот за што е способен автомобилот Benz.
За време на патување од Манхајм до Пфорцхајм, пат кој бил изграден за кочии со коњи, таа морала неколку пати да застане за да направи поправки. Воедно, забележала и дека сопирачките не функционираат добро, па кога дрвените сопирачки на автомобилот откажале, таа направила облога од кожа, измислувајќи ги првите влошки за сопирачки во светот.
Ова патување не само што ја зголемиlo довербата во автомобилите, туку и го поставиlo темелот за развојот на модерната автомобилска индустрија.
Едит Мари Фланиген, 1929
Фланиген е најпозната како пронаоѓач на зеолитот Y кој се користи во преработката на нафта и во петрохемиската индустрија.
При рафинирање на нафтата, таа мора да се одвои на сите нејзини различни делови. Зеолитите помагаат да се издвојат и прочистат хемиските мешавини. Зеолитот Y е катализатор кој ја зголемува количината на бензин фракциониран од нафтата, што го прави рафинирањето на нафтата побезбедно, почисто и поефикасно и попродуктивно. Бензинот за резервоарот за гориво на вашиот автомобил е еден од многуте производи што доаѓаат од рафинирање на нафта.
Нејзината работа со молекуларните сита, исто така, довела до иновативни апликации во прочистување на водата и чистење на животната средина.
Фланиген е носител на 108 патенти во САД.
Во 1992 година, таа станала првата жена на која и е доделен медалот Перкин, највисокото американско признание во применетата хемија.
Наградена со наградата за животно дело Лемелсон-МИТ во 2004 година, истата година е примена во Куќата на славните на пронаоѓачите.
Во 2012 година, Фланиген беше наградена со Национален медал за технологија и иновации.
Гледис Меј Вест, 1930
Гледис Вест е позната по нејзината работа која придонесува за развојот на Глобалниот систем за позиционирање (GPS).
Еден од нејзините први големи проекти била работата на Калкулаторот за истражување на поморски уредби (NORC), наградувана програма првично дизајнирана да ги одреди движењата на Плутон во однос на Нептун.
Во 1978 година, таа станала проект-менаџер на SEASAT, експериментален американски сателит за надгледување на океаните, дизајниран да обезбеди податоци за океанографските услови и карактеристики. Тоа бил првиот сателит кој орбитира околу Земјата и покажа дека сателитите може да се користат за набљудување корисни океанографски податоци.
Од нејзината работа на SEASAT произлегол GEOSAT, сателит програмиран да создава компјутерски модели на површината на Земјата. Вест и нејзиниот тим создале програма која може прецизно да ги пресмета орбитите на сателитите. Овие пресметки овозможиле да се одреди модел за точната форма на Земјата. Токму овој модел и подоцнежните ажурирања му овозможуваат на ГПС системот да прави точни пресметки за кое било место на Земјата.
Во 2018 година, на 88-годишна возраст, таа беше формално признаена за нејзиниот придонес во развојот на ГПС од Генералното собрание на Вирџинија. Истата година беше примена во Куќата на славните на американските воздушни сили за вселенски и ракетни пионери (една од највисоките почести доделени од Вселенската команда на воздухопловните сили) за време на церемонијата во нејзина чест во Пентагон.
Кетрин Блодиџет, 1898 - 1979
Инженер и научник, Кетрин Блоџет ја започнала својата кариера како истражувачки асистент на Ирвинг Лангмуир, добитник на Нобеловата награда за хемија.
Во декември 1938 година, Кетрин Блоџет успеала да развие нерефлектирачко „невидливо“ стакло против отсјај. Понатамошното нејзино истражување на стаклото што не рефлектира довело до развој на многу поцврсти облоги кои не можеле да се избришат.
Некои од примените на овој изум може да се видат во шофершајбната на автомобилите, излозите на продавниците, витрините, леќите за фотоапаратот, очилата, телескопите, рамки за слики, па дури и перископите на подморницата.
Во 1921 година, таа била првата жена што добила докторат по физика на Универзитетот во Кембриџ.
Маргарет Вилкокс, 1838 - /
Во 1893 година, Маргарет Вилкокс добила патент за внатрешниот систем за грејач на автомобили кој сè уште го користиме и ден денес. Таа конструирала систем што ја извлекува топлината од моторот и го пренасочува воздухот во кабината на автомобилот. Револуционерниот систем станал основа на сите идни системи за греење на автомобили и нејзиниот дизајн бил користен во инженерскиот процес.
Инсталирањето на грејачот прв пат започнало во 1917 година. Во 1929 година, Хенри Форд ја искористил технологијата за дизајнирање и инсталирање грејачи во патничките автомобили.
Иако денешните греачи за автомобили се малку поразлични, концептот останал ист. Не само што Вилкокс била една од ретките женски машински инженери во ерата во кое живеела, туку била и една од единствените жени пронаоѓачи што добила патент за нејзиниот изум во 1893 година.
Како една од првите женски машински инженери, Маргарет Вилкокс го поминала поголемиот дел од својата кариера создавајќи уреди кои го подобруваат секојдневниот живот на луѓето. Таа била одговорна и за други пронајдоци кои го менуваат животот, како што се тавата за печење, машината за миење садови и домашната греалка.
Хелен Бленчард, 1840 - 1922
Хелен Бленчард е најпозната по своите револуционерни пронајдоци во шиењето, но нејзината работа со безбедносните појаси има значајно влијание врз автоиндустријата.
Таа помогнала во развојот на подобрени сигурносни појаси, кои со текот на времето станале клучен фактор за заштита на возачите и патниците.
Нејзините иновации поставиле темели за модерните системи за пасивна безбедност во автомобилите. Нејзиниот придонес во оваа област и ден денес овозможува поголема безбедност за возачите и патниците.
Прочитај повеќе натписи од автоиндустријата тука