Oбраќање на основачот на ТДА Трејд и Пнеуматик, Г-дин Ангеле Трајковски
Годинава прославивме 30 години постоење на компанијата малку поинаку од тоа што посакувавме, но горди и задоволни што ги надминавме сите предизвици кои ни се наметнуваа.
Повеќе од три децении постојано вложуваме во развој на квалитетна услуга и нејзиното усогласување со светските стандарди. Доказ за ова се бројните сертификати за квалитет во работењето издадени од страна на независни европски и светски институции. Почетоците во 1991 со само еден бренд на пневматици беа само најава за денешниот успех на компанијата. Следејќи ги потребите на нашите клиенти, низ годините ја проширувавме палетата на производи за денес да понудиме над 20 брендови на пневматици кои ги задоволуваат различните потреби на македонските возачи. Во текот на годините работевме одлично – неколку пати бевме прогласувани за дистрибутер на годината, бевме рангирани во 200-те најуспешни компании во Македонија, испишавме бројни успеси со кои секогаш ќе се гордееме.
Како општествено одговорна компанија, низ годините реализиравме бројни акции за подигнување на безбедноста во сообраќајот. Како дел од нив би ги истакнале: донација на заштитни елечиња за учениците за вон-училишни активности, развој на ученички сообраќајни тимови за регулирање на сообраќајот околу училиштата, подигање на свеста за користење зимски пневматици во соработка со Секторот за превенција при СВР-Скопје, спонзорства на различни спортски клубови, и многу други.
Поради глобалната пандемија, овогодишниот јубилеј не можеме да го одбележиме со голема прослава заедно со сите соработници кои беа и се уште се наши совозачи на ова значајно патување. Наши совозачи низ годините беа сите наши клиенти - возачи, моторџии, трактористи, багеристи, поранешни и сегашни вработени, луѓе со кои секојдневно соработуваме, дистрибутери, градежни и транспортни компании, државни институции, домашни и странски добавувачи...
Ви се обраќам вам - сите вие кои сте директно или индиректно вклучени во нашиот развој – од срце ви благодарам за вашиот придонес! Благодарен сум за успехот и многуте пријателства и релации кои ги создадовме преку работата. Благодарен сум и на секој вработен - без разлика каква позиција имате во оваа компанија, сите вие сте подеднакво важни за мене.
Да останеме сите во добро здравје за да можеме уште долги години заедно да ги прославуваме сите идни деловни, но и приватни успеси.
Со почит,
Ангеле Трајковски